Денеска на 79-годишна возраст почина првиот демократски избран претседател на Бугарија, Жељу Желев, кој воедно беше и првиот претседател на една земја кој ја призна независноста на Република Македонија.
Желев е роден на 3 март 1935 година во селото Веселиново кај Шумен. Средно образование завршува во гимназијата во Шумен, а во 1958 година дипломира филозофија на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.
Филозоф по вокација, дисидент, политичар и државник, Жељу Желев беше иницијатор и еден од основачите на Клубот за гласност и перестројка и еден од основачите на Сојузот на демократските сили (СДС) во декември 1989 година.
Желев важи за голем пријател на Македонија и добитник на орденот „8-ми Септември“.
По првите повеќепартиски избори по промените во Бугарија во јуни 1990 година, Желев стана координатор на Пратеничката група на СДС, а веќе на 1 август истата година Народното собрание го избра за претседател на Бугарија.
Во јануари 1992 година беше реизбран на функцијата на првите директни претседателски избори во Бугарија. Претседателксата должност ја извршуваше до јануари 1997 година.




