Во САД се одржуваат претседателските избори на кои 225 милиони Американци со право на глас ќе избираат меѓу главните фаворити, кандидатката на демократите Хилари Клинтон и на републиканците Доналд Трамп, како и кандидатите на либертаријанците Гери Џонсон и Зелената партија Џил Стајн.
Во САД се гласа на голема територија поделена во 4 временски зони, а гласачките места се отвораат во 6 и се затвораат во 19 часот.
Веќе се познати и првите резултати од гласањето, бидејќи неколкумината жители на селото Диксвил Ноч, кои први гласаат традиционално уште од 1960 година веќе го дале свој глас: 4 за Клинтон, 2 за Трамп и еден за Џонсон.
Последните пораки до гласачите, двајцата фаворити ги упатија на собири во државите во кои има тесна разлика – Северна Каролина, Пенсилванија и Мичиген.
Клинтон ги повика гласачите да ја отфрлат визијата на Трамп за „мрачна и поделена“ Америка и да ја поддржат онаа за земја „полна надеж, инклузивна и со големо срце“, додека кандидатот на републиканците порача дека неговите поддржувачи имаат одлична прилика да го победат корумпираниот систем.
Според резултатите на анкетите Клинтон е во водство за 4 проценти пред Трамп.
НОВА ви ги пренесува гледиштата на неколкумина луѓе кои ја претставуваат тнр. обична Америка, за тоа кој ќе биде следниот што ќе влезе во Белата куќа.




