Во Собранието започна расправата за ребалансот на буџетот. Според министерот за финансии Драган тевдовски, целта на ребалансот е намалување на непродуктивните трошоци, обезбедување мерки за зајакнување на социјалната кохезија и поддршка на домашните компании. Тој истакна дека ребалансот не е нов буџет, туку прилагодување на тековниот.

-Кратењето на непродуктивните трошења на власта обезбеди можност за буџетирање на нови мерки кои значат поддршка за граѓаните или домашните претпријатија. Тие мерки се минималната плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средни претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и сл. Со други зборови тоа е дел од програмата на новата влада што може да се реализира на краток рок. Останатите планирани мерки кои граѓаните и фирмите ги очекуваат се дел од подлабоки системски промени и оттаму ќе бидат вклучени почнувајќи од Буџетот во 2018 година на кои како министерство веќе работиме, образложи министерот Тевдовски.

Предложениот ребаланс на буџетот не предвидува ниту еден предлог кој ќе значи подобрување на животот на граѓаните, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Тие на првиот ден од пленарната расправа пред себе поставија транспаренти на кои пишува „Се крати од Македонија“.

– Добро е што денеска немаме тенџериња, рече спикерот Џафери, алудирајќи на периодот кога ВМРО-ДПМНЕ пред повеќе од 10 години беше опозиција и во една расправа за буџетот употреби и тенџериња за да спречи дискусија.

На коментарот на спикерот, пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кој беше на говорницата да расправа за ребалансот рече:

– Немаме денеска бугарски тенџериња да го славивме цар Борис.

Владимир Ѓорчев вели дека предложениот буџет не нуди зголемување на платите и пензиите, ниту пак, нуди нови инвестиции во привлекување на странски или домашни инвестиции.

-Ние се враќаме на период во којшто имаме целосно економско замирање, имаме намалување на средства за образованието, намалување на средства за патишта, за ранливите категории, за градинки итн. Овој предложен буџет е буџет за вегетирање на македонската економија, буџет кој не обезбедува развој,рече Ѓорчев.

Тој рече дека од поднесените 706 амандмани на опозицијата, парламентарното мнозинство не прифати ниту еден, што според Ѓорчев е нешто невидено досега.

-Досега сите влади на ВМРО-ДПМНЕ во сите ребаланси имаат прифатено амандмани на опозицијата на ребаланс на буџет или кога се составувал буџет. За првпат имаме ситуација каде што буквално ниту еден амандман не е прифатен, што значи дека апсолутно немаат слух за оние предлози кои се однесуваа на подобрување на животот на граѓаните, изјави Ѓорчев.

Шеесет и три амандмани поднесе и БЕСА, но исто така ниту еден од нив не беше прифатен. Од движењето обвинија дека се подготвува буџет за изборни активности, не е развоен и не е во функција на подобрување на стандардот на граѓаните.

-Се намалуваат средства во области како што се образованието, здравството итн. Ние имаме забелешки и во однос на тоа дека нема посебен интерес за деловите каде што живеат Албанците. Значи се продолжува со стариот тренд, нема средства за значајни проекти во тие области, за училиштата, за регионалната депонија на Полог на пример итн, рече Фадиљ Зендели.

Според предложениот ребаланс, се предвидува дефицитот на Буџетот да остане 2,9 отсто од БДП, а предвидениот раст да изнесува 2,2 проценти наместо првично предвидените 3 отсто. Предвидено е кратење на расходите од 48,7 милиони евра и на капиталните инвестиции за исто толку, а предвидено е да се реализираат сите веќе започнати инфраструктурни проекти, како и да се додаде изградба на некои нови училишта во источна и во западна Македонија. Проекцијата на приходите е проектирана на 3,003 милијарди евра. Кај расходите, проекцијата 3,305 милијарди евра. Дефицитот останува проектиран на 302 милиони евра.