Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе го одржи првото гласање за новиот Генерален секретар на Светската организација, функција за која се пријавени 12 кандидати.
Во изборот за наследник на првиот човек на Светската организација Бан Ки Мун од регионот се пријавени Вук Јеремиќ, некогашниот шеф на српската дипломатија, поранешните министри за надворешни работи на Хрватска и Македонија, Весна Пушиќ и Срѓан Керим, некогашниот премиер на Црна Гора Игор Лукшиќ и поранешниот претседател на Словенија Данило Тирк.
Во трката за позицијата Генерален секретар на ОН се и генералната директорка на УНЕСКО Ирина Бокова од Бугарија, администраторката на Развојната програма на ОН Хелен Кларк од Нов Зеланд, министерката за надворешни работи на Аргентина Сузана Малкора, шефот на словенечката дипломатија Мирослав Лајчак, поранешниот премиер на Португалија Антонио Гутереш, некогашниот шеф на молдавската дипломатија Наталија Герман и поранешниот извршен секретар во Рамковната конвенција на ОН за климатски промени Кристијан Фигуерес.
Постојаниот претставник на Русија во ОН Виталиј Чуркин изјави дека името на новиот генерален секретар, кој ќе стапи на должност на 1 јануари 2017 година, најверојатно ќе биде познато во октомври, за време на руското претседавање во Советот за безбедност.
На 13 јули се одржа првата дебата во живо на телевизија на кандидатите што ја организираше Ал Џазира. Македонскиот кандидат за оваа позиција Срѓан Керим ја пропушти оваа дебата што за прв пат се организираше во историјата на Обединетите Нации, а ја следеа милиони гледачи. Десетмината кандидати имаа единствена прилика да ги изложат своите приоритети и директно да се претстават на светот со своите идеи за решенија на големите проблеми и конфликти.




