Американската поддршка за Курдите во Сирија го нервира турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Враќајки се од патување во Латинска Америка и Сенегал, тој на новинарите им изјави дека овие Курди се блиски до бунтовниците кои водат герила во Турција и бараат од Вашингтон да бира помеѓу Турција и терористите од Кобане, јавува агенцијата АФП.
Ердоган остро ја критикуваше посетата на Брет МакГурк, специјалниот пратеник на Барак Обама, на Единицата за заштита на народот која го контролира сирискиот град Кобане.
– Тој го посети Кобане среде конференцијата во Женева за Сирија и дури му подарија медаља од некој си самонаречен генерал на оваа Единица, изјави Ердоган и се запраша кој и е всушност партнер на Турција:
– Како да имаме доверба во вас? Дали сум ваш партнер? Или партнери ви се терористите од Кобане, нервозно рече Ердоган а неговите изјави ги пренесе турскиот печат близок до власта.
Единицата за која зборува Ердоган е дел од Партијата за демократска унија на Курдите од Сирија. Благодарение на воената поддршка на Вашингтон, оваа единица го одбрани Кобане од офанзивата на терористичката организација Исламска држава по повеќемесечни борби.
Кобане се наоѓа блиску до турската граница.
Анкара беше критикувана поради тоа што не помогна во овие борби и не и даде поддршка на Единицата за заштита на народот. Турција смета дека овие луѓе се сириската филијала на ПКК, Работничката партија на Курдистан која од 1984 година води крвав бунт во Турција.
– Партијата за демократска унија на Курдите од Сирија е терористичка организација. Единицата за заштита на народот е терористичка организација. Партијата за демократска унија е исто што и ПКК, инсистира Ердоган и ги потсети новинарите дека ЕУ и САД го сметаа ПКК исто така за терористичка организација.
Турција остро се противи на учеството на Курдите од Сирија на мировната конференција во Женева која ќе ја прдоложи работата на крајот на овој месец.
Турската влада стравува дека американската воена поддршка ќе им дозволи на сириските Курди да го прошират своето влијание кон запад. Сириските Курди контролираат голем дел од крајниот север на Сирија на турската граница.




