Утрово словенечката полиција извршила претрес во куќата на поранешната словенечка премиерка Аленка Братушек а потоа во нејзино присуство влегла и во просториите на пратеничкиот клуб на нејзината партија во зградата на Парламентот во Љубљана.
Според портпаролот на полицијата, Драго Менегалија предистражната постапка ја водела Националната истражна канцеларија, полицискиот оддел за економски и организиран криминал а претресени биле повеќе локации.
Се собирале докази за кривично дело „злоупотреба на службена положба или службени права“.
– Истрагите врз основа на судска одлука се одвиваат на пет локации. Се собираат информации и докази за основано сомнение за кривично дело – злоупотреба на службената положба или службените права, изјавил Менегалија, пренесуваат словенечките медиуми.
Словенечките медиуми наведуваат дека полицијата ги истражува и просториите на Владата и дека во текот на денот ќе бидат познати повеќе детали.
Адвокатот на Братушек, Александар Чеферин информира дека полициската истрага е во однос на постапката со која Братушек лани од позицијата Премиерка на која и истекуваше мандатот, се „самокандидираше“ за место во Европската комисија.




