За Грција, претстојниот излез од нејзината програма за финансиска помош е шанса конечно да ги отфрли оковите на штедење. Но нејзините доверители имаат други идеи. Во изминативе осум години, Атина немаше контрола врз нејзините економски политики, прифаќајќи низа ограничувања и реформи во замена за заеми што ја спречија да банкротира. Официјални претставници од таканаречената тројка – Европската комисија (ЕК), Европската централна банка (ЕЦБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) – сега прават сé за да осигурат дека оковите остануваат, анализира во денешното издание реномираниот американскиот магазин Политико.
“Кога и’ должите на банката милион евра, тоа е ваш проблем – но кога должите една милијарда евра, тоа е проблемот на банката. Тие ни должат повеќе од 200 милијарди евра, па не можеме да го игнорираме она што се случува во Грција”, цитира изјава Политико од анонимен државен службеник од еврозоната.
Бјарке Смит-Мејер автор на анализата пишува дека додека сите се согласуваат дека дошло време за официјално да се стави крај на програмата за финансиска помош, доверителите се помалку желни да и дадат на Грција целосна слобода што им ја дадоа на други земји што поминаа низ сличен процес.
“Краток поводник”
Министрите за финансии на еврозоната кои се собраа минатиот четврток во Брисел се надеваат дека ќе го финализираат пакетот за излез од Атина до 21 јуни, во подготовка за нивното формалното заминување во август годинава. Тие веќе одлучија дека Грција ќе биде предмет на поголема контрола од Кипар, Ирска, Португалија и Шпанија – другите земји кои успешно ја завршија програмата за финансиска помош од ЕУ по кризата со долгот во 2009 година.
„Кога другите влади подлежат на две ревизии годишно од страна на Европската комисија и Европскиот механизам за стабилност, Грција ќе добие она што Комисијата го нарекува “засилен надзор” – четири посети годишно од тимот за следење. Како и со другите земји, посетите од Комисијата ќе продолжат сè додека Грција не врати 75 отсто од околу 230 милијарди евра што им ги должи на доверителите од еврозоната, додека ЕСМ ќе продолжи со надзор додека не се врати последната еврото, пишува Смит-Мејер.
Построги услови
Дипломатите од еврозоната кои работат на постпрограмскиот пакет на Грција се непоколебливи дека тешките барања за Атина се гарантирани, по неколкугодишна политичка криза и скршени ветувања. Тие се претпазливи дека грчката драма би можела повторно да се појави, дали од оваа или од некоја идна влада, за која, пишува Смит-Мејер, се плашат дека би можела да биде ставена во искушение да го уништи се’ она што е постигнато во последните осум години.
Актуелната влада предводена од Сириза, соочена со нови избори следната година, е желна да го прикаже крајот на програмата како „чист излез“ од програмата, смета Смит-Мејер цитирајќи изјави на премиерот Алексис Ципрас и лидерот на опозициската Нова Демократија Киријакос Мицотакис.
Олеснување на долгот
Грчките кредитори, се залагаат за вклучување на нови услови како дел од преговорите за олеснување на долгот.
Во обид да се направи одржлив долг на Атина, земјите како Франција и Италија предложија да се воведе програма во која товарот на долгот на земјата автоматски ќе се намали ако нејзината економија наиде на проблеми.
Тоа ги зголеми стравувањата кај другите земји-доверители дека идните грчки влади може намерно да ја саботираат економијата на земјата за да го намалат својот долг.
Додека Италија, Франција и ММФ се подготвени да го прифатат овој вид на олеснување на долгот без услови, Германија, Финска и Холандија инсистираат на тоа дека Атина да ги прифати мерките со кои ќе се осигури дека ќе стори сé што е во нејзина моќ за одржување на растот.
“Ви треба начин да ги спречите Грците да се вратат на своите стари патишта”, цитира Смит-Мејер анонимен, како што пишува во анализата, третиот официјален претставник на еврозоната.




