Полицијата продолжува со испрашување на  четворица осомничени за смртта на 39 лица чии тела беa пронајдени во камион во Есекс.

Еден маж на 48 години од Северна Ирска беше приведен на аеродром под сомнение за убиство, а други две лица – маж и жена од Варингтон беа задржани по истите обвиненија.

Полицијата добила дополнително време да го сослуша 25-годишниот возач на камионот, Мо Робинсон.

Телата на осум жени и 31 маж беа пронајдени во приколка за ладење во Есекс.

Се верува дека голем број од починатите лица биле од Виетнам, и покрај тоа што полицијата во Есекс првично соопшти дека жртвите биле кинески државјани.

Семејства кои се загрижени дека нивните роднини биле во приколката контактирале со Би-Би-Си.

Од организацијата која ја претставува виетнамската заедница во Велика Британија соопштиле дека примиле фотографии од 20 лица кои се пријавени како исчезнати.Исчезнатите биле на возраст  меѓу 15 и 45 години.

Би-Би-Си разговарале со братот на Фам Таи Тра Мај (26), девојката која во вторникот последен пат испратила текстуална порака до семејството дека не може да дише.

„Бараме британската полиција да помогне во истрагата, за мојата сестра да може да биде вратена на семејството“, рекол братот. Последната порака  Мај ја испратила во 22:30 часот – два часа пред камионот да пристигне на пристаништето во Белгија.

Роднините на Нуен Дин Луонг (20) исто така рекле дека стравуваат  дека тој е меѓу 39-те жртви.

Виетнамската амбасада во Лондон е во контакт со полицијата во Есекс од четвртокот.

За да стигнат до Велика Британија, Виетнамците поминуваат долг пат преку Русија, Полска, Германија и Франција, најчесто скриени во приколки и во камиони. За патувањето до  Лондон плаќаат и по 30 000 евра без никаква гранција дека ќе стигнат живи до ветената земја.