Полицијата го уапсила 39-годишниот бегалец од Идризово, Орце Миленковски, кој се барал со потерница од затворот. Вчера во 17.50 часот, тој бил лоциран од страна на полицијата при СВР Куманово по што бил уапсен.
Уапсениот имал правосилна судска пресуда за издржување казна затвор во траење од 20 години заради убиство и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
Тој подолг временски период бил во бегство.
До моментот кога бил уапсен, според информациите од МВР, Миленковски се сомничи дека на подрачјето на Куманово извршил десет кривични дела и тоа шест кривични дела „разбојништво“, три кривични дела „тешка кражба“ и едно дело „одземање на моторно возило“.
Неофицијално, уапсениот се заканувал на судијка дека ќе ја убие, а на друг судија од судот во Куманово му украл возило.
Користејќи оружје, сега уапсениот Миленковски ограбил и викендица на друг судија.