Полска денеска потпиша договор за заем од 450 милиони евра со Банката за развој на Советот на Европа. Средствата ќе бидат наменети за справување со бранот на бегалци кои ја напуштија Украина по руската инвазија.

Приближно 4,3 милиони бегалци пристигнаа во Полска од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари. Земјата им обезбедува бесплатно сместување, социјална и медицинска нега, образование и можности за вработување.

Голем број од украинските бегалци кои пристигнаа во Полска се преселија во други држави, некои одлучија да се вратат дома, но се проценува дека половина од нив останале во Полска.

Советот на Европа е составен од 46 земји, вклучувајќи ги и земјите членки на ЕУ, и има за цел да ги заштити човековите права, демократијата и владеењето на правото.