Полската конзервативна Влада соопшти синоќа дека ќе ја продолжи оспоруваната реформа на судскиот систем и покрај ветото од претседателот Анджеј Дуда на два од трите закони за реформирањето.
– Нема да потклекнеме на притисокот од улицата и странство, изјави премиерот Беата Шилдо како одговор на ветото од претседателот вчера.
Таа наведе три принципи на кои треба задолжително да се засновааат реформите: судиите, осомничени за корупција треба да си заминат, за оние кои се корумпирани, а кои „денеска се недопирливи“ треба да бидат воведени дисциплински мерки и луѓето треба да ја вратат контролата врз судовите.
Пред претседателската палата во Варшава синоќа повторно се собраа незадоволни граѓани, кои побараа и трето вето на законот за обичните судови, кој претседателот одлучи да го потпише.
Анджеј Дуда изјави дека се согласува со тоа дека се потребни промени, но не и со предлогот јавниот обвинител да биде истовремено и министер за правда.
Со законите се реорганизира работата на судовите, се воведува политички номинации во Националниот судски совет кој досега го бираа судиите самостојно, а кој ја надгледува независноста на судовите од политичарите и се распушта Врховниот суд за новите судии да ги бира министерот за правда.




