Повеќе од 20 полски медиуми денеска одбија да известуваат од Парламентот во знак на протест против најавените нови правила за известување, според кои само двајца новинари од еден ист медиум ќе можат да бидат во медиа центарот на Парламентот, додека снимањето и фотографирањето ќе биде забрането.
Како што пренесува АФП, единствените видео снимки што ќе бидат достапни се оние на официјалниот видео сервис на Парламентот, а новинарите ќе работат во медиа центарот сместен во друга зграда, со што пристапот до пратениците ќе биде ограничен.
Владејачката конзервативна партија „Право и правда“ истакна дека овие мерки треба да гарантираат „пријатно деловно опкружување и за пратениците и за новинарите“.
Меѓу медиумите кои денеска протестираат е и весникот „Газета виборча“, како и две големи приватни радио станици.
Претходно вчера, неколку десетина новинари се собраа пред Парламентот барајќи предложените мерки да не се усвојат.




