Првите луѓе на „Медија принт Македонија“ (МПМ), управителот Срѓан Керим и директорката Јана Станисављева, денеска се на распит во Специјалното јавно обвинителство. Тие се осомничени во истрага на СЈО за МПМ.
Според информации на НОВА ТВ, тие се осомничени за лажно покренување на стечај, за злоупотреба на службена положба и за злоупотреба на средства на доверители од неколку милиони евра.
Двајцата денеска напладне се повикани да дадат исказ во рамките на истрагата на обвинителството.
Надлежноста за испитување на евентуален економски криминал ја презеде СЈО бидејќи потекнува од прислушуваните разговори.
Oбвинителството ги проверувало финансиските исплати во време кога весниците згаснуваа поради финансиска криза, а сомнежите се проверуваа преку Одделението за компјутерски криминал во МВР.
Истражители на СЈО минатата година влегоа во просториите на МПМ, чиј сопственик до пред истрагата беше Графички центар Скопје , кој беше во сопственост на Орка Холдинг на Орце Камчев.