Поранешниот украински претседател Петро Порошенко, кој се наоѓа во Киев, упати порака до рускиот лидер Владимир Путин да почне да го проучува случајот со Слободан Милошевиќ оти ќе заврши како него во Хаг.
Коментирајќи го Путин, Порошенко рече дека постои само еден одговор во земјата, а тој е „бегај од Украина“.
„Знаете ли каде му е местото на него? – Во Хаг. Тој е воен злосторник. Не гледам друго решение за излез од кризата. Мојата лична порака до Путин е да почне да го проучува случајот со Милошевиќ, бидејќи ќе седнеш на истата обвинителна клупа“, рече Порошенко.
„Мислам дека Хрватите сè уште паметат како е да се спие за време на војна и како е да се преживее. Јас сум во центарот на Киев, на помалку од 10 километри од мене се наоѓаат руски трупи. Вчера и завчера гаѓаа цивилни објекти во Киев, а денеска евакуиравме цивили од Буча, од Ирпин, од Гастомил. Горд сум што успеавме од тие места да евакуираме повеќе од 8.000 граѓани. Тие места се целосно уништени, не постојат повеќе. Тоа е политиката на Русија, да уништи се пред себе“, додаде поранешниот украински претседател.




