Германија, Белгија и Канада најавија дека планираат да го прекинат извозот на оружје за Саудиска Арабија поради случајот со убиството на новинарот Џамал Кашоги.
Ова прва уште синоќа го најави германската канцеларка Ангела Меркел.
Таа повторно го осуди убиството на Кашоги, за кое Саудиска Арабија призна дека се случило во нејзиниот Конзулат во Истанбул.
– Прво, го осудуваме овој чин на најстрог можен начин. Второ, неопходно е брзо да се разјасни што се случило – далеку сме од тоа дека случајот е разјаснет и дека извршителите одговараат за тоа што го направија, посочи Меркел.
Таа додаде дека извозот на оружје за Саудиска Арабија „нема да се случи под моменталните околности“.
И белгиските власти размислуваат повторно да го стопитраат извозот на оружје воСаудиска Арабија.
За тоа прашање ќе одлучуваат властите во Валонија и федералната Влада.
Саудиска Арабија минатата година беше најголем клиент на валонскиот воено индустриски комплекс. Ријад купи оружје во вредност од 153 милиони евра.
Белгискиот Парламент во јуни минатата година усвои резолуција со која ги повика локалните власти да го стопираат извозот на оружје Саудиска Арабија. Апелот беше поврзан со нападите во Брисел во 2016 година и поврзаноста на Ријад со проповедањето во најголемата белгиска џамија.
Канадскиот премиер Џастин Трудо синоќа изјави дека по убиството на новинарот Џамал Кашоги не е исклучено Отава да го прекине извозот на оружје за Саудиска Арабија.
Тој наведе дека Договорот за продажба на оклопни возила на Ријад содржи клаузула за нивната употреба.
– Ако не се придржуваат до Договорот, тој ќе биде раскинат, посочи Трудо.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека наскоро ќе разговара со саудискиот принц Мухамед бин Салман за тоа дали Саудиска Арабија ќе сноси последици поради убиството.
Трамп истакна дека за тоа прашање првенствено ќе се консултира со американскиот Конгрес.
Американскиот претседател минатата недела повеќе пати изјави дека е против какви било ситуации кои ќе го доведат под знак прашалник договорот за продажба на оружје на Саудиска Арабија, вреден над 100 милијарди долари.
Трамп во петокот изјави дека верува во саудиската верзија на настанот односно дека Кашоги е убиен во тепачка со повеќе од 10 саудиски агенти. Но, тој во саботата го смени ставот и за „Вашингтон пост“ изјави дека саудиската верзија е „лаги и завери“.




