Пожарот што денеска избувна кај Стара рампа, спроти Тутунски комбинат, е локализиран и според привичните информации нема повредени. Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита, Звонко Томески рече дека е спречено ширење на пожарот.

„Затекнавме пожар во разгорена фаза. Интервениравме брзо, направивме секторирање на објектот и спречивме ширење на пожарот кон соседниот објект. Останатиот дел е изгаснат брзо и ефикасно. Во интервенцијата учествуваа шест противпожарни возила и 20 пожарникари“, изјави Томески.

Опожарени се околу 300 метри квадратни, а според Томески, нема повредени лица во пожарот.

„Во моментот нема лица внатре, нема повредени. Опожарени се околу 300 метри квадратни, отежнувачки фактор беше што од едната страна на објектот се наоѓа објект кој е во градба, ископ кој ни ја отежнуваше интервенцијата. На дуќанот нема оштетувања, тоа беше приоритет да се сопре пожарот да се шири кон дуќанот. Нема повредени пожарникари“, нагласи Томески.

И градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски потврди дека нема повредени во пожарот. Најави дека ќе се испитува чие е земјиштето и бараките што се изгорени. Како што информираше, во тие бараки имало населено семејство на диво, но било отстрането од таму по неколку месеци.

„Ова е трет пожар откако јас сум градоначалник. Според досегашните информации, причината за трите пожари е иста, а тоа е диво вселени граѓани кои се причинители на самиот пожар. Во моментов она што го имам како информација, а дополнително во текот на денот ќе се произнесеме, е дека има сопственост на бараките и на земјиштето, има ДУП што е во важност и не гледам кои се причините за некој сам да си го пали земјиштето за да гради, доколку може да го урне истото и да гради“, рече Герасимовски.