Англичанецот Мохамед Емвази (27) од Квинс Парк е „Џихадистот Џон“, познатиот терорист кој обезглави неколку заложници кои беа во рацете на Исламската држава, објавуваат британските медиуми.
Тој студирал компјутерско програмирање на универзитетот во Вестминстер, а се верува дека во 2012 година отпатувал во Сирија за да се придружи на џихадистите.
Џихадистот Џон е одговорен за егзекуциите на американските новинари Џејмс Фоли и Стивен Сотлоф, како и хуманитарниот работник Дејвид Хејнс, 22 сириски војници и јапонскиот новинар Кенџи Гото.
Емвази пораснал во семејство од средната класа и повремено се молел во џамијата во Гринвич, во југоисточен Лондон.
Идентификуван е од еден од неговите блиски пријатели: „Нема сомнеж дека Мохамед е Џихади Џон. Тој ми беше како брат, сигурен сум дека е тој“.
И Асим Куреши, директор на британската организација за човекови права Кејџ, кој контактирал со Емвази пред да замине за Сирија верува дека токму тој е Џон.
ФБИ и Скотланд јард соопштија дека тој е идентификуван користејќи разни истражни техники, како анализа на гласот од снимките и разговори со поранешни заложници.




