Земјоделците и земјоделските субвенции ја вжештија собраниската дебата во Комисијата за финансирање и буџет каде на дневен ред е расправата по амандманите за ребалансот на буџетот, вкупно 255 од кои 153 поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

На стартот од расправата беше одбиен амандман на опозицијата, да се предвидат 300 милиони денари за интервентен фонд за земјоделство. Пратеникот од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, истакна дека доколку постоел ваков фонд, немало да има потреба од ковид мерки за земјоделците.

И пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, Благица Ласовска, побара итно да се прифати амадманот за формирање на Интервентен фонд за земјоделски субвенции, посочувајќи дека токму овој интервентен фонд бил предизборно ветување на СДСМ од изборите во 2016 година.

„Дегутантно е веќе по осми пат да поднесуваме ист амандман за итеревентен фонд за субвенции во земјоделството и истиот да ни се одбива. Доаѓам од крај каде има над 10.000 хектари житни култури и над 1000 земјоделци. Еве сега слушаме дека житарицата ќе се откупува за 8,5 денари, ако знаеме дека производната цена е 12 денари. Каде е тука ќарот на земјодеците и како ќе се реши овој проблем? Овој амандман е токму за тоа, кога има ценовен дисбаланс, овие пари кои вие сте ги ветиле, да стигнат до земјоделците“, рече Ласовска.

Заменик министерот за финансии, Димитар Ковачевски, коментирајќи го поднесениот амандман,  образложи дека оваа година за земјоделството се одвоени рекордни 3 милијарди и 500 милиони денари.

Дебатата за амандманите ќе заврши на десетиот ден од расправата, без разлика колку амандмани се поминати на Комисијата. Извештајот за работата на Комисијата ќе се врати назад во Владата која во рок од три дена ќе треба да го врати до Собранието со вградените прифатени амандмани, по што ќе се закаже пленарна седница. Пленарната расправа може да трае најмногу пет дена. Се очекува ребалансот на Буџетот да биде донесен до крајот на месецов.

Со новиот ребаланс на државната каса, приходите се проектирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2021 година. Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет. Дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.

 

Опозицијата обвинува за ново задолжување, власта најавува повеќе капитални проекти

Ребалансот на буџетот, кој Владата го достави до Парламентот, наиде на критика кај опозициската ВМРО ДПМНЕ. Од партијата обвинуваат дека Владата ќе го зголеми долгот за 200 милиони евра, а народот од тоа нема да добие ништо.

„Наместо инвестиции, тие со ребалансот на буџет кратат пари од образование и екологија. Никој не знае каде ќе се трошат овие 200 милиони евра за кои ќе не задолжат, исто како што никој не знае каде завршија пола милијарда евра од ветените 850 милиони евра помош за стопанството и граѓаните“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

За СДСМ, пак, прекројувањето на јавната каса е важна алка која придонесува кон поголема поддршка за економијата и граѓаните и целосно надминување на последиците од коронакризата. Најавуваат повеќе пари за капитални проекти, повеќе пари за здравството, за нови мерки и нови вработувања.

„2,7 милијарди евра се издвојуваат за инвестиции во човечкиот капитал, односно во образование, здравство и социјална заштита, што во споредба со периодот од пред три години е повеќе за над половина милијарда евра“, информираат од СДСМ.

 

Земјоделци на „Петровденска буна“

И додека пратениците расправаат за буџетот и проблемите во аграрот, десетици земјоделци од прилепско излегоа на мирен протест, наречен „Петровденска буна“, во чест на денешнот верски празник Петровден. Ја обвинија власта за погубни политики во аграрот и побараа итно решение на проблемите со кои се соочуваат производителите.

„Ако и оваа година, грозјето го откупуваат по ланска цена, тогаш ние подобро да го исечеме лозјето. Оваа година не се исплатени ниту субвенциите, ги нема ниту најавените 2 плус 4 денари од ковид помошта, зелената нафта не е почната, а не е решен ниту проблемот со Водостапоанството“, рече Дано Јошев, лозар од Кавадарци.

„Ситуацијата е катастрофална. Откуп нема, цената нагло падна, а имаме и околу 50 до 60 проценти останато ориз од лани. За два месеци ќе има нова реколта, нова жетва. Ситуацијата е алармантна“, рече оризарот од кочанско, Стојче Ташовски.

Земјоделците се жалат на тивки закани и притисоци, но велат дека нема да попуштат. Најавија радикални мерки доколку власта остане глува на нивните барања.

Биљана Божиновска