Роберт Просинечки е пред промоција во Љубљана како нов селектор на фудбалската репрезентација на Словенија. Тамошните медиуми пишуваат како потрагата по наследник на Среќко Катанец да е завршена работа и најавуваат само формалност за официјализирање на соработката со легендата на југословенскиот и хрватскиот фудбал.
Веста ја лансираше љубљанска „Екипа“ и набрзо се прошири во целиот регион иако Просинечки ја искоментира дипломатски и со резерва.
„Пред два дена имав натпревар. Само што доаѓам од Германија и гледам дома се живо збори за тоа. Ако ме побара некој, тоа ќе биде во наредните два-три дена“, порача Просинечки за порталот „Германијак“ кој е прв пик на словенечкиот фудбалски сојуз, но не и единствен кандидат. Опции, покрај него, се уште тренерот на Риека, Матјаж Кек и Дарко Миланич.
Доколку најавите на словенечките медиуми се остварат, тогаш Просинечки ќе нема празен од во тренерската кариера со оглед дека го предводеше Азербејџан низ квалификациите за СП 2018. Од другата страна, пак, Среќко Катанец се повлече од функцијата во изјава пред камери по поразот на „Вембли“ од Англија. Словенија го заврши циклусот како четврта во групата Ф со 15 бода зад Словачка и Шкотска кои собраа по 18 и првопласираната Англија со 26.