Автор: Беса Арифи, вонреден професор при Универзитетот на Југо-Источна Европа
Минатата недела учествував на една интересна дискусија за борбата против корупција во Македонија. Јасно е дека не може да се зборува за било каква борба против корупција без притоа да се анализира улогата на Специјалното јавно обвинителство. Интересен е фактот што на многубројни експерти, политичари, правници и дипломати од странство што ја посетуваат нашата земја, а притоа имаат искуство во регионот и релативно добро се запознаени со проблемите околу корупцијата во оваа поднебје како и за високиот праг на толеранција спрема истата како од институциите така и од граѓаните, сепак не им е сосема јасно зошто власта во Македонија води така горчлива борба, не против корупцијата, туку против СЈО како институција која е формирана за да се справи токму со овој проблем, и да ги гони лицата кои извршиле тешки злодела од овој вид.
Се потрудив да ги појаснам причините за ваквото однесување кое секојдневно го гледаме во сите погрешни чекори кои државните институции ги преземаат нанесувајќи притоа голема штета на работата на СЈО а со тоа и на обидот да се воспостави владеење на правото во чија суштина е токму носењето одговорност за извршените казнени дела, особено кога тие дела се сторени против целото општество, кое иако не е сосема свесно, е жртва на таквото постапување, понекогаш невина, а понекогаш жртва соизвршител.
Мислам дека таквото поведение, сосема хистерично и неконтролирано, извира од следните три причини:
- Отсуството на контрола. СЈО е единствената институција која не е под контрола на владејачката партија. Ваквото отсуство на контрола е застрашувачко за сегашната власт во оваа држава која веќе долго време се чувствува неприкосновена заради фактот што успеала сите релевантни државни институции да ги стави под својот чадор и да обезбеди сигурна поддршка од нив за секој нејзин чекор. Хронологијата на настаните после формирањето на СЈО тоа јасно го докажува. Начинот на кој Јавното обвинителство одбиваше и сеуште одбива да ги предаде предметите на СЈО, односот на Советот на обвинителите, срамниот чекор на Уставниот суд со укинувањето на Законот за измена и дополнување на законот за помилување, уште посрамното општо помилување дадено од Шефот на државата, одбивањата на сите барања за притвор покренати од СЈО од страна на Основниот суд Скопје 1, граматичкото наместо телеолошко толкување на ЗКП од страна на истиот суд, апсурдните измени на законските акти во Собранието, нечовечкото, дрско и арогантно однесување на пратениците за време на презентирањето на извештајот на СЈО, и многу други работи јасно укажуваат на целосната контрола која владејачката партија беспрекорно ја ужива врз судската, законодавната и извршната власт. Во една таква ситуација, како бел ден е јасен стравот од една единствена институција која е потполно независна и работи единствено според закон а не според партиски наредби. Разбирлив е таквиот страв на лицата кои сакаат сé да имаат под контрола, па затоа со години не прислушувале.
- Предавство. “Ако не си со нас, тогаш си против нас” гласно викаат сите горенаведени институции, хорски, под диригентската палка на лидерот на најбогата политичка партија во регионот, кој има сила да ветува повеќе работи од носителите на јавни функции, од премиерот, од шефот на државата од министрите… Секако дека има таква сила, бидејќи тој знае сé за сите тие околу себе, тој знае сé за сите нас;па тој самиот кажал дека знаењето е сила, знаењето е моќ. За вакво знаење зборувал тој, а ние се чудевме како може ваквиот систем на образование да продуцира било какво знаење, сила или моќ. На друго место била таквата сила и моќ, допрва тоа го разбравме. Меѓутоа, ваквиот невиден однос спрема една државна институција која не им оди по ќеиф не останува само на официјално туку се впушта и на лично ниво, па јасно може да се види големото разочарување што е идентично на разочарувањето од љубовно предавство. Имено, за владејачката партија начинот на кој постапува СЈО, со тоа што работи според законот а не според љубовта спрема партијата, е чисто предавство. А кога тоа го прават обвинители кои, пазете, не се нови обвинители, туку биле обвинители и пред да станат специјални, па дури е сосема можно токму таа власт да ги ставила во тие функции, е тоа навистина е крајно разочарувачко и непростливо предавство за власта која пак со обвинителите отсекогаш имала посебно интимна љубовна врска. Таквото разочарување може многу добро да се забележи во начинот на кој Груевски во Септември 2015 година изрази секакви пофалби за новоизбраната главната специјална обвинителка за да после само една година не разбере дека таа била големо разочарување, секако заради големото предавство спрема него: наместо да го сака и да го штити како сите добри на него верни обвинители, таа одлучила да го обвини за тешки кривични дела, па затоа, одеднаш овој сфатил дека и за обвинителка не ја бивало.
- Страв. Третата причина за ваквиот однос на власта спрема СЈО е вистинскиот, транспарентен, страв кој понекогаш е добро сокриен под евтина кичестастиропорна фасада. Се сеќавате на првите информативни разговори во врска со предметот Титаник на СЈО? Се сеќавате на тој спонтан страв и неверување кои ги гледавме на лицата на министрите Јанкуловска и Јанакиевски? Е, за тој спонтан страв зборувам. Тоа беше нивната инстинктивна реакција во времето кога допрва разбраа за предавството на СЈО а сепак не беа сосема сигурни дали таквото предавство е проширено и кај другите љубовници наречени државни институции. Не беа сигурни дали ќе се спасат од притвор (сепак се спасија), дали судиите од Уставен ќе ги послушаат да им помогнат околу помилувањата (сепак ги послушаа), дали Шефот на државата ќе им биде лојален (сепак им беше), итн. Откако се уверија дека предавството е изолирано, само кај таа една единствена институција, тогаш стравот малку попушти и почнаа да се појават дотерани и нашминкани на давање изјави пред камерите. Но тој првичен изглед на гол страв нема да се заборави и е јасен показател и толкувач на хистеријата која се гледа на нивните континуирани напади спрема единстваната институција која е способна да им влева таков стрв.
Никогаш предавството не било толку благодарно како сега во Македонија. Никогаш поважно, никогаш поубаво, никогаш позначително и попотребно. Запаметете убаво, почитувани судии и други претставници на државните институции, правдата во оваа мала земја нема да доаѓа се додека вие не се одлучите да станете предавници на политичката моќ и љубовници на законот. Еднаш засекогаш научете да го сакате вистинскиот љубовник а не насилникот кој може само да менува боја, но не и суштина, како волкот кој влакното го менува но не и ќудта. Запомнете дека после секоја политичка моќ доаѓа друга политичка моќ која секогаш може да стане авторитарна тоталитарна и арбитрерна, а немањето институции кои ќе го почитуваат законот наместо таа моќ само ќе ја повтори оваа иста приказна во која ја живееме. Затоа е важно сега да станете предавници на моќта и поддржувачи на правдата, за да ова што се случува никогаш веќе да не се повтори!