Полската премиерка Беата Шидло денеска во Братислава, воочи неформалниот самит на ЕУ без Велика Британија, предупреди дека ваква каква што е сега Унијата само се распаѓа и дека е неопходно да се извршат темелни реформи за да не се случи и други држави да го следат примерот на Велика Британија.
– Жан Клод Јункер зборува за помалку национални интереси во ЕУ. Не. Ние велиме посилни национални држави. ЕУ ваква каква што е сега всушност се распаѓа. Доколку не спроведеме реформи, доколку не ја промениме, и други земји ќе сакаат да ја напуштат, рече Шидло во интервју за приватната телевизија ТВН24.
Таа ги критикуваше најавите од Брисел и од словачкото претседавање со ЕУ дека неформалниот самит утре во Братислава ќе биде пред се посветен на тоа да се скенира ЕУ и нејзините проблеми и да се направи дијагноза, па дури потоа да се започне со процесот на решенија кој би бил завршен на пролет во Рим кога се одбележува 60 годишнина од Римскиот договор на ЕУ.
Полската премиерка ги обвини претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, претседателот на Европскиот Парламент Мартин Шулц и претседателот на ЕК Жан Клод Јункер дека кризата ги носи нивните имиња.
– Досегашната политика доведе до таква криза. Таа криза има конкретно име, имињата на оние лидери кои не реагираа соодветно и навремено. Тоа се лидерите кои денес се на чело на европските институции. Тие денес се обидуваат да предложат го предложат сегашниот модел на ЕУ и тврдат дека ништо не се случило, рече Шидло.
Шидло ја одби вчерашната Резолуција на ЕП во која европратениците бараат полските власти да престанат да го блокираат Уставниот суд и да најдат решение на спорот во согласност со препораките на Венецијанската комисија на Советот на Европа, бидејќи парализата на Уставниот суд и разните контроверзни закони, како што е оној со кој јавниот радиотелевизиски сервис и националната агенција ПАП се претворени во државни медиуми или максималната политизација на државната управа каде партиската лојалност е единствен критериум, ја загрозуваат демократијата, основните граѓански права и правната држава во Полска.




