Во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје вечерва свечено беше отворен најголемиот мултиспортски настан што досега се одржал во Македонија – Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ 2025.
Говорот на Претседателката Сиљановска и свечената церемонија, го означија почетокот на седумдневниот спортски и културен спектакл кој се одржува од од 20. до 26. јули во Скопје, Куманово, а некои спортски дисциплини во соработка и со хрватскиот град Осјек.
Настанот ги обединува младите спортисти од цела Европа во духот на фер-плеј, солидарност и пријателство.
Во спортската сала „Јане Сандански“ се одржа голема парада на сите 49 спортски делегации од толку европски држави како и на тимот бегалци под покровителство на ЕОК кој доби заслужено внимание во духот на еднаквоста и инклузивноста.
Илјадници млади спортисти на возраст од 14 до 18 години продефилираа низ арената со знамињата на своите држави носејќи ја со себе енергијата и надежта на новата европска генерација.
Отворањето на младинскиот спортски фестивал на Европа беше збогатено и со сценско-музички случувања.