По вчерашниот инцидент на протестот на „Иницијативата за заедничка Македонија“, кога беше нападната новинарската екипа од порталот „А1он“, претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, побара средба со министерот за внатрешни работи, Агим Хухиу. Средбата ќе се одржи во 10.30 часот во МВР.

Истепаните колеги од А1он, Влатко Желчески и Александар Тодевски, утрово се пуштени на домашно лекување и натаму ќе бидат под лекарски надзор. МВР уште синоќа соопшти дека приведени се неколку осомничени за нападот.

Инцидентот се случи на крајот на протестот, во близина на Порта Македонија, кога од зад грб биле нападнати Желчески и Тодевски додека си ја вршеле својата професионална работа, а дел од фоторепортерите ги „уловија“ напаѓачите со фотоапаратите.

Од порталот „А1он“ велат дека ќе поднесат пријава против организаторот, граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и ќе бараат надомест на штетата, за како што кажаа, дивјачкото и примитивно однесување.

Осуда за инцидентот дојде од политичките партии, како и од еснафските здруженија на новинарите. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани како виновник за крвавиот инцидент го посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Главен инспиратор на денешниот напад против колегите Тодевски и Желчески го сметаме претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Го повикав да ги собере неговите насилници од улиците и да им нареди повеќе да не им текне да напаѓаат новинари. Ги предупредив дека правдата, кога тогаш, него и неговите пајташи ќе ги стигне“, изјави Насер Селмани.