Советот на федерацијата – Горниот дом на рускиот Парламент едногласно одобри денеска претседателските избори во Русија да се одржат на 18 март 2018 година.
– Документот ќе биде објавен на 18 декември, изјави Андреј Клишас, претседател на Уставна комисија.
Тоа ќе биде официјален старт на изборната кампања во Русија.
Веднаш по објавувањето партиите ќе може да организираат предизборни конгреси, а независните кандидати да собираат групи за своја поддршка.
Актуелниот руски претседател Владимир Путин на вчерашната прес конференција најави дека ќе биде самостоен кандидат, но дека очекува поддршка од партијата и од јавните организации.
Партијата Единствена Русија веќе соопшти дека ќе ја поддржи кандидатурата на Путин.