Десетина автобуси полни со патници тргнале вчера од Косово кон граничниот премин со Србија, Мердаре, за да најдат егзистенција во земјите на Европската унија, пишува денеска приштинскиот весник „Зери“.
Весникот наведува дека фактот оти неколку стотини граѓани на Косово биле приведени на границата меѓу Србија и Унгарија или пресретнати во возовите кон Будимпешта, не ги обесхрабрило другите во саботата вечер да заминат како емигранти.
„Зери“ анализира дека емиграцијата буквално ги испразнила косовските градови, така што многу компании дури и се жалат дека не можат да најдат работници во оваа поранешна југословенска покраина.
Граѓаните заминуваат со автобуси коишто се букирани денови однапред и според косовскиот медиум градовите како Приштина, Косовска Митровица, Урошевац и Гнилане имаат помалку жители од пред два месеци.
Амбасада на Германија во Приштина предупредила дека доаѓа „лавина од косовски азиланти“ и оти посебно градските власти во Берлин треба да реагираат за да се сопре овој егзодус.
Германскиот „Билд“, пак, пишува дека бранот на азиланти тргнал кон Германија најмногу поради фактот дека во оваа европска земја најдолго трае административниот процес со кој се враќаат емигрантите во татковината.
Податоците што ги презентира косовскиот весник „Зери“ се толку алармантни што покажуваат дека дневно преку 500 луѓе, само од Приштина се упатуваат кон странство, а според официјалните информации само на граничниот премин Мердаре на 30 јануари годинава поминале 18 автобуси со емигранти кои на другата страна ги чекале таксисти чии услуги нагло пораснале од 15 на 100 евра.
Ако овој тренд продолжи проценките се дека месечно Косово ќе го напуштаат меѓу 25.000 и 30.000 луѓе или околуу 300.000 годишно, што е шестина од целото население кај нашиот северен сосед.




