Градот Скопје и ФФМ го подготвија промотивниот дел за Скопје за УЕФА Супер Купот 2017 на 8 август на кога ќе играат победникот од УЕФА Лигата на Шампионите, тимот на Реал Мадрид и победникот на УЕФА Лигата на Европа, тимот на Манчестер Јунајтед.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски рече дека работеле на исполнување на сите барања и стандарди поставени од УЕФА, пред се подобрување на изгледот и хигиената во Скопје.

На прес конференцијата беше промовирано и видеото на англиски јазик чија цел е информирање на туристите и промовирање на Скопје.

Овој спот е одобрен од УЕФА и истиот ќе биде дистрибуиран до сите канали и портали на УЕФА, како и до каналите на комуникација на Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед и нивните навивачки групи кои потоа ќе ги дистрибуираат.

– ФФМ ќе ја координира „Трофеј турата“ и во повеќе места во Македонија ќе бидат претставени највредните пехари на УЕФА, на Лигата на шампионите, Лигата на Европа и секако на Супер купот. Турнејата ќе почне на 1 август и во наредните неколку денови пехарите ќе бидат изложени во 9 градови во Македонија, односно  до 8 август истите ќе бидат изложени во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Неготино, Струмица, Штип, Куманово и Скопје. Покрај ова, ФФМ ќе организира и голем број натпревари за најмладите фанови, кои ќе се одржуваат на мини терени што ќе бидат поставени во градовите каде што ќе бидат изложени пехарите, рече портпаролот на ФФМ Златко Андоновски.

Околу техничката организација на УЕФА Супер Купот 2017 и многубројните содржини кои ќе бидат достапни за сите посетители во Скопје, деталите ги соопшти Димитар Атанасовски од Идеа Лаб.

Следните денови ќе се направи целосното брендирање на градот, а деновиве и скопското Кале ќе светне во сината боја на Супер Купот. Ќе има т.н. „неутрална фан зона“, како и точки на поаѓање на навивачите кон стадионот „Филип Втори“.

Неутралната фан зона е лоцирана на Плоштадот Македонија и на истата ќе се организираат голем број активности за посетителите од сите возрасти. Ќе има голема сцена каде што ќе се организира музичка забава од 11 до 19 часот на 7 и 8 август, тука ќе бидат поставени оригиналните трофеи во рамки на „Трофеј турата“, ќе има ѕид на финалисти каде што сите навивачи ќе можат да се фотографираат, ќе бидат поставени штандови на партнерите на Супер Купот…

Во оваа фан зона ќе биде поставен и мал фудбалски терен, на кој ќе се одиграат финалните натпревари од турнирот кој  ќе се игра низ цела Македонија, во рамките на „Трофеј турата.