Проруските активисти во Доњецк на истокот на Украина прогласија воспоставување држава Малорусија, која како што велат ќе биде наследничка на Украина.
Лидерот на самопрогласената држава Доњецка Народна република (ДНР) Александар Захарченко изјави дека во подготовка е уставот на новата држава кој потоа ќе биде ставен на гласање.
Захарченко предложи тригодишен транзициски период кон основање нова независна држава Малорусија како решение за тригодишниот судир на истокот на Украина, пренесува Спутник.
Според него „Украина се покажала како пропадната држава“ и ја повика меѓународната заедница да ја принзае новата држава.
Украинскиот претседател Петро Порошенко одговори на веста за прогласувањето на новата држава со ветување дека повторно ќе го воспостави украинскиот суверенитет во бунтовничките области.
Судирите во двата најисточни украински региони, Доњецк и Луганск избија во 2014 откако на протести во Киев беше симнат од власта прорускиот претседател Виктор Јанукович.
Русија чинот го прогласи за пуч во режија на Западот, па се одмазди со анексија на полуостровот Крим каде што е стационирана руската Црноморска флота.
Жителите на референдумите изгласаа независност, а Киев започна операција против проруските активисти.
Во судирите досега настѕрадаа 10.000 луѓе. Во февруари 2015 беше потпишан мировен договор кој опфаќа прекин на огнот, повлекување на оружјето од линиите на судирот и уставни реформи.
Но, примирјето постојано се крши, со постојани меѓусебни обвинувања.




