Последните неколку дена од Белата куќа протекоа неколку информации во јавноста па дури и транскрипти од телефонски разговори и транскрипти од разговори на новиот американски претседател Доналд Трамп со други светски лидери.
Една од работите што протекоа се наводните транскрипти од телефонските разговори на Трамп со светки лидери. Така, откриено е дека Трамп му спуштил слушалка на австралискиот премиер Малколм Тернбул, што на медиумите им е претставено како “најлош телефонски разговор до сега“.
Во транскриптот од разговорот со претседателот на Мексико Енрике Ниета кои се објавени, се наведува дека Трамп споменувал и оружје и испраќање американски трупи во Мексико, а тогаш од Белата куќа рекоа дека било “шега“.
Колку луѓе имаат пристап до транскриптите од разговорите на претседателот на државата? Кој од неговите вработени би можел да помисли дека е добра идеја да ги објави?
Администрација. Официјални лица. Тие не му се противници на Трамп. Тоа се луѓе кои работат за него, дел се од неговиот тим и му помагаат во водењето на земјата, пишува Вашингтон Пост.
Постојат две теории како овие работи се најдоа во јавноста.
Според првата, Трамп слуша само кога тие ќе се појават во медиумите. Дури и неговата советничка Келиен Конвеј во една прилика рече дека најдобар начин да му се привлече вниманието е кога некој му се обраќа преку новинар или телевизија. Манирот на однесување не го сменил ни со влегувањето во Белата куќа, па можеби тие протекувања на информации се начин да му се привлече вниманието, дека кога така се однесува кон светските лидери, излегува дека е лош.
Втората теорија е дека постојат луѓе и постари функционери во администрацијата кои се плашат дека Трамп не е дораснат да биде во Белата куќа. Со внимателно избран материјал кој протекува се обидуваат да ја известат јавноста што се случува.
Но ниту една од овие две теории не е добра за Трамп. Тој е некој кој во политиката и во бизнисот се покажа како човек кој очекува апсолутна лојалност од луѓето со коишто работи. Тоа сега го нема, а имајќи го предвид неговиот темперамент, веројатно таквата ситуација го излудува.
Во оваа фаза од мандатот се уште е рано за чистка меѓу персоналот, но доколку нешто Трамп покажа во овие две недели од мандатот, тоа е дека не игра по воспоставените правила.




