Мирно и без инциденти завршија двата протести кои денеска се одржаа во Бања Лука.
Протестот ” Да ја ослободиме Српска” во организација на опозициските партии се одржа во паркот “Младен Стојановиќ”, а на нешто повеќе од еден километар, во центарот на градот на Плоштадот Краина во исто време се одржуваше митинг “Со срце за Српска – Стоп за предавството” како одговор од владејачката коалиција.
На протестите на опозицијата имаше поголемо присуство на полицијата, а поставени беа и барикади. Истакнати се транспаренти на кои пишува “Долу предавници” и “Ние сме гладни”.
Под мотото „Да ја ослободиме Српска“ опозицијата ги повика граѓаните да го искажат незадоволство од актуелната политичка и економска состојба и ги обвинија властите во Бања Лука дека се корумпирани и дека се главните виновници за високата невработеност.
На митингот на опозицијата свој говор имаше и Соња Караџиќ, ќерката на Радован Караџиќ а дел од митингот на власта беше Дарко Младиќ, син на Ратко Младиќ.
Со пораката дека победи Република Српска, претседателот, Милорад Додик на своите симпатизери им порача дека државата е способна да се брани со демократски средства и дека митингот е против предавниците.
– Ако немаме држава немаме слобода. Затоа мораме да се бориме за Република Српска. Не ме интересира никој кој вели дека република српска не е држава. Таа е држава, изјави Додик.
За време на протестите не беше дозволено движење на демонстрантите поради можност од судири а според проценките на полицијата на митинзите учествувале десетици илјади лица.
Во обезбедување на протестите и на митигот вклучени биле околу 2.000 припадници на полицијата кои имаат опрема за рaзбивање демонстранти.





