Десетици илјади луѓе денеска излегоа на улиците на Лондон за да протестираат против одлуката на Британија да ја напушти Европската унија.
Демонстрациите кои завршија со попладневен марш пред парламентот во Лондон се одржаа и покрај загриженоста дека ќе влијаат на капацитетите на полицијата по терористичкиот напад во Вестминстер, кој се случи претходно неделава.
Демонстрантите стоеја една минута во молк пред говорниците да започнат да зборуваат пред толпата во име на жртвите кои загинаа во терористичкиот напад во Британија.
„Ние сме пркосни пред оние кои сакаат да се плашиме заради минатата среда. Но исто така сме пркосни затоа што демократијата не заврши на 23 јуни“, рече Тим Фарон, лидерот на Либерално-демократската партија пред демонстрантите.
Протестот беше организиран од „Обединети за Европа“, чадор организација која има кампања за да се ограничи штетата од Брегзит, заедно со уште неколку про-европски организации.




