Во Белград, Нови Сад, Ниш и во уште неколку градови вчера втор ден по ред се одржаа протести, на кои повеќето беа млади учесници го изразија незадоволството од резултатите од претседателските избори на кои убедливо победи актуелниот премиер Александар Вучиќ.
На протестот, закажан преку социјалните мрежи под мото „Протест против диктатурата“, во Белград се собраа повеќе илјади лица, а демонстрациите траеја четири часа. Со свирчиња и тапани се извикуваа пароли против Вучиќ, како “Лопови“, „Ги украдовте изборите“ и носеа транспаренти со пораки „Долу диктаторот“, „Ако ви е добро, тогаш ништо“, „Стоп за диктатурата“, „Ова не ви е Северна Кореја“, „Стоп за непотизмот“, и „Ав, ав, ав“.
Учесниците повеќепати прошетаа од Собранието до Владата и назад.
Протестот на младите го поддржаа претседателските кандидати Саша Јанковиќ, Бошко Обрадовиќ и Лука Максимовиќ, како и партијата Нова Србија на Велимир Илиќ. Сепак, тие апелираа до учесниците да не наседнуваат на провокации и мирно да протестираат.
Вучиќ од Мостар порача дека Србија е демократска земја во која секој има право да биде несреќен поради изборните резултати и дека протестите се во ред, се додека се мирни.
Протестите се проширија и во Крагујевац, Чачак, Лесковац, Зрењанин, Бор, Сомбор, Узице и Краљево.









