Премиерот на Исланд Сигмундур Давид Гунлаугсон е под силен притисок да се повлече од функцијата откако во Панамските документи беше откриено дека тој и неговата сопруга се поврзуваат со офшор компании. За Гунлаугсон се наведува дека во 2007 година на Британските девствени острови основал офшор компанијата “Wintris”, заради сокривање на неколку милиони долара во текот на финсиската криза на Исланд.
Опозицијата повика да се изгласа недоверба на владата, а илјадници демонстранти спонтано се собраа на протест во центарот на Рејкјавик.
Tим на новинари од целиот свет ги објави „Панама документите” кои содржат повеќе од 11,5 милиони енкриптирани интерни документи од панамската адвокатска канцеларија „Mossack Fonseca“.
Анонимен извор почнал да ги обезбедува документите кои датираат од 1970-тите до 2016 година за германскиот весник Зидојче цајтунг пред една година. Весникот собрал група на организации, медиуми, вклучувајќи го и Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ), Гардијан, ББС и Ле Монд, за да ги анализираат податоците пред истовремено да ги објават нивните наоди.
Документите откриваат 12 сегашни и поранешни шефови на држави, 200 други политичари, како и членови на разни мафијашки организации, плус фудбалски ѕвезди, 350 големи банки и стотици илјади обични граѓани кои биле меѓу клиентите на „Mossack Fonseca“, пренесе CNBC.
Премиерот на Исланд Сигмундур Давид Гунлаугсон изјави дека нема да поднесе оставка откако во Панамските документи беше објавено дека има банкарски сметки во земјите – даночни раеви.
– Не сум помислил да дадам оставка поради тоа и нема да поднесам оставка – истакна Гунлаугсон.
Првите „жртви“ на Панама: светски лидери, филмски и спортски ѕвезди




