Денеска продолжуваат граѓанските протести против одлуката на претседателот Иванов за аболиција на политичари осомничени за криминал.
И денешните демонстрации во Скопје ќе започнат во 18 часо од пред Специјалното јавно обвинителство.
Протести за денеска се најавени и во Штип, Кочани и во Битола. Протестот во Штип ќе се почне во 18 часот, пред Основниот суд, а во Битола на плоштадот Магнолија.
Граѓанските организации од Битола претходно ќе се сретнат да се договорат за начинот на кој же бидат водени демонстрациите, откако на синоќешниот протест дојде до судир со полицијата. Една од опциите, неофицијално е и да се протестира пред домот на градоначалникот Владо Талески.
За утре протест е најавен и во Прилеп, а в четврток ќе се протестира и во Гостивар.
Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) кое стоеше зад контрапротестите пред седиштето на СДСМ, соопшти дека од денеска повеќе нема да протестира.
Од движењето велат дека протестот го прекинуваат поради тоа што „нивната цел е веќе постигната, со тоа што претседателот на Собранието го потпишал решението за избори на 5 јуни, а Државната изборна комисија (ДИК) донела одлука дека има услови за фер и демократски избори“.
Приврзаници на здружението ГДОМ минатата недела протестираа пред штабот на СДСМ, барајќи укинување на аболицијата за Зоран Заев и за Зоран Верушевски.