Турција вчера ја започна изградбата на својата прва нуклеарна електроцентрала, која би требало да овозможи поголема енергетска независност, но церемонијата била засенета од протестите на противниците на проектот вреден 20 милијарди долари.
Демонстрантите, кои се собрале пред капијата на објектот во Акују, во провинцијата Мерсин, во еден момент успеале на градилиштето да ги заклучат делегациите на турските и странските гости, припадниците на безбедносните сили и новинарите, а избегале откако против нив биле употребени водени топови.
Идната нуклеарка, која би требало да има четири блока од по 1.200 мегавати, ќе ја гради руската нуклеарна агенција Росатом. Изградбата треба да заврши до 2020 година.
Турција планира изградба на уште две нуклеарки за да ја намали зависноста од увозот на гас и нафта од Русија, односно Иран.
Локацијата на втората нуклеарка ќе биде во Синоп, на брегот на Црното Море и ќе ја гради француско-јапонски конзорциум.




