Германија денеска го потврди првиот случај на мајмунски сипаници, а нови случаи на заразата пријавија и Италија, Шпанија, Франција и Велика Британија.

Медицинската служба на германските вооружени сили денеска соопшти дека го потврдила првиот случај на мајмунски сипаници.

„Институтот за микробиологија на германските вооружени сили во Минхен го откри првиот случај на вирусот на мајмунски сипаници на 19 мај 2022 година, кај пациент со карактеристични кожни лезии“, соопшти медицинската служба.

Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах изјави дека врз основа на достапните информации, тој претпоставува оти вирусот не се пренесува така лесно и оти неговото ширење може да се спречи доколку здравствените власти брзо дејствуваат.

Италија денеска потврди уште два случаја на инфекција со вирусот на мајмунски сипаници, регионалните власти во Мадрид пријавија уште 14 случаи, а Велика Британија 11 новозаразени. И Франција денеска го потврди првиот случај на мајмунски сипаници.

Случаи на мајмунски сипаници се откриени и во Португалија, Шведска, Белгија како и во САД и Канада. Болеста досега вообичаено беше концентрирана во Централна и Западна Африка.

Светската здравствена организација (СЗО) за денеска свика итна средба на своите врвни експерти заради зголемувањето на бројот на заболени од мајмунски сипаници, пренесува британскиот весник „Индипендент“.

Се верува дека главни теми на разговор ќе бидат начинот на ширење на вирусот, невообичаено високата стапка на инфекција кај геј и бисексуалните мажи и ситуацијата со вакцинацијата, пишува британскиот весник.