Американската јавноста денеска се подготвува за првото јавно соочување на двајцата претседателски кандидати – демократската Хилари Клинтон и нејзиниот републикански противник Доналд Трамп.
Пред одржувањето на првата телевизиска дебата вечерва, анкетите покажуваат дека помеѓу нив двајцата разликите не се многу големи и дека Клинтон е во мала предност.
Според проценките, 90 милиони Американци вечерва ќе ја следат дебатата и ќе ги ловат грешките и лапсусите кои можат да донесат големи последици на исходот од изборите. Многу Американци веќе се одлучиле за кого ќе гласаат на изборите што ќе се одржат на 8 ноември, но околу 9 отсто се уште немаат став па оттука телевизиските дебати имаат сериозно значење.
Клинтон викендов ја доби поддршката на влијателниот дневник Њујорк Тајмс. Нејзиното 40 годишно искуство во американската политика укажува дека таа е добро подготвена за политичка дебата.
Освен тоа, таа деновиве направи пауза во кампањата, се затвори со своите советници и досиеја кај неа дома за да може добро да се подготви за соочување со Трамп. Психолошкиот профил на Трамп бил проучен а цел на демократката е да покаже, за време на дебатата, дека темепараментот на Трамп не дозволува тој да биде претседател на најмоќната земја на светот. Советниците на Клинтон објавија деновиве и долг список на лагите кои Трамп ги изрекол во последните месеци.
Освен тоа, Клинтон се надева на гласовите на жените кои претставуваат 53 отсто од гласачите па доколу Трамп биде агресивен во дебатата можно е да загуби многу од овие гласови.
И Трамп се разбира се подготвува за дебатата. “Се се одвива добро”, изјави 70годишниот милијардер кој деновиве ја доби поддршката на ултра конзервативниот сенатор Тед Круз кој беше исто така републикански кандидат и остар противник на Трамп.
Информации од онаа страна на Атлантикот велат дека Трамп сериозно се подготвува веќе неколку дена, гледа видеа на својата противничка од претходните дебати со неа но сепак тој не направи пауза во митинзите.




