Комисијата за оцена на основаноста на Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на Претседателот на Република Македонија денеска ќе ја одржи првата седница.
Комисијата има рок од една недела да подготви извештај за основаноста на предлогот за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов, кој ќе го достави до Собранието. За да помине на пленарна седница, извештајот треба да добие двотретинска поддршка од пратениците.
Комисијата брои 11 члена, од кои претседателот и пет члена се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, по двајца членови имаат ДУИ и СДСМ и еден член има пратеничката група на ДПА. Социјалдемократскиот сојуз ги оспори составот на Комисијата и распределбата на членовите пред Управниот суд бидејќи, според нив, СДСМ треба да има три члена, а владејачката партија пет. Претседател на Комисијата е Зоран Илиоски.
Во меѓувреме, претседателот Иванов донесе Одлука за повлекување на аболицијата за 22 политички експонирани лица и ги повика останатите кои беа на листата на помилувани да поднесат барање за поништување на аболицијата.
На собраниската седница за формирање на оваа Комисија се водеше жестока расправа меѓу пратениците на владејачкото мнозинство и опозицијата околу тоа дали таа вистински ќе ја утврди одговорноста на Иванов во врска со аболицијата, имајќи предвид дека мнозинството членови се од ВМРО ДПМНЕ.




