Група од 40 бегалци, поголемиот дел од нив жени и деца утрово пристигнаа на српско-хрватскиот граничен премин Товарник, 20 километри од Вуковар.
Хрватска распореди полиција долж границата а оние кои се обиделе да влезат илегално во земјата се упатуваат кон пунктовите за регистрација. Таму во моментов има волонтери и лица од Црвениот крст.
Портпаролката на хрватскиот Црвен крст, Катарина Зориќ изјави дека бегалците биле исцрпени и многу од нив побарале лекарска помош. Таа вели најтешко било да се гледаат деца кои биле во голем број.
Околу 30 волонтери им помагаат бегалците, делејќи храна, вода и средства за хигиена, а како што пишуваат хрватските медиуми, и локалното население купувало производи од пекарите и им ги носеле на бегалците.
Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ побара од премиерот Зоран Милановиќ да свика седница на Советот за национална безбедност за во петок 18.септември или најдоцна до 22, за да разговараат за кризата.
Грабар-Китаровиќ смета дека освен распределувањето на бегалците во прифатни центри, итно треба да се разговара и за соработка со одговорните служби на државите соседи, кои се членки на ЕУ.
– Треба да се избегнат сценаријата за подигање на физички препреки на границите помеѓу Хрватска и другите земји, или пак нивно враќање во оваа земја доколку тие не успеат да стигнат до земјите каде што сакаат да стигнат, изјави претседателката.




