Владата на Мјанмар соопшти дека се изведени први егзекуции во земјата по пауза од 50 години, откако со бесење беа погубени поранешен пратеник на Националната лига за демократија, еден демократски активист и двајца мажи обвинети за насилство.

Погубувањата се изведени и покрај молбите од сите страни во светот за нивно помилување.

Активистите се погубени „во склад со законските процедури“ за насочување и организирање на „насиллни и нехумани соучеснички акти на терористички убиства“, пишува државниот лист „Мирор дејли“.

Министерката за човекови права во владата на национално единство, Аунг Мио Мин ги отфрли обвинувањата дека погубените лица биле вмешани во насилство.

„Казнување со смрт е начин за завладување со јавноста преку страв“, рече таа.

Погубени се Фио Зеја Тау, поранешен пратеник од партијата на соборената лидерка Аунг Сан Су Чи која воениот суд во јануари ја осуди за бомбашки напади и финансирање на тероризам.

Смртна казна доби и Кјао Мин Ју, 53-годишен демократски активист, поради кршење на законот за борба против тероризмот. Останатите двајца егзекутирани мажи се Хла Мио Аунг и Аунг Тура Зав, осудени за мачење и убиство на жена, за која наводно верувале дека е воен доушник.