Поранешниот лидер на Каталонија, Карлос Пуџдемон им се предаде на белгиските правосудни органи, откако Шпанија издаде нов налог за негово апсење, а после изрекување на казната за неговите колеги, кои исто така се залагаа за независност на Каталонија.
Пуџдемон, придружуван од неговите адвокати, доброволно се појавил пред белгиските власти, соопшти неговата канцеларија.
Се додава и дека Пуџдемон го отфрлил налогот за апсење и се спротивставил на секој обид да биде вратен во Шпанија.
Сепак, шпанскиот Врховен суд соопшти дека истражен судија ги известил белгиските судски власти дека Пуџдемон нема парламентарен имунитет кој би можел да ја спречи неговата екстрадиција во Шпанија.
Во соопштението од судот стои дека белгиските власти утрово побарале појаснување за случајот.
Некои светски агенции јавија дека не е јасно дали Пуџдемон сè уште се сослушува или е задржан во притвор.
Пуџдемон, заедно со неколку соработници, избегаа во Белгија во октомври 2017 година, откако беа повикани на суд за обид за отцепување и одржување референдум за независност на Каталонија.
Врховниот суд во Мадрид во понеделникот осуди деветмина поранешни каталонски политичари и активисти на девет до 13 години затвор за нивната улога во неуспешното прогласување независност на Каталонија во 2017 година.
Тројца други обвинети беа прогласени за виновни само за непослушност и не добија затворски казни.
Поранешниот премиер на Каталонија, Ориол Џункуерас е осуден на 13 години затвор поради бунт и злоупотреба на јавните фондови за одржување референдум за независност на Каталонија.
Петти ден во Каталонија се случуваат протести во кои досега се повредени стотина луѓе. Денеска започна генерален штајк-затворени се неколку транспортни артерии во оваа шпанска автономна област, аеродромот во Барселона откажа повеќе од 50 летови, а јавниот транспорт се одвива со големи застои, јавија агенциите.
Штрајкот го организираат двата најголеми регионални синдикати – CSC и Алтернатива за Каталонија. Најголемите синдикати во земјата „Работни комисии” и „Сеопштата унија на трудбениците” не го поддржаа штрајкот на нивните каталонски колеги.
Заради протестните акции, митинзи и движење на таканаречениот „Марш за независност” во моментов се затворени патиштата и автопатиштата што водат кон Андора. Петте протестни акции, што тргнаа од пет различни града, во правец кон каталонската престолнина, за учество во „Маршот на независноста”, веќе се наоѓаат во непосредна близина на Барселона.
Денеска од аеродромот „Ел Прат“ во Барселона откажани се 55 летови.
Освен политички, организаторите на штрајкот имаат и серија барања поврзани со условите за работа – откажување од реформата на трудот, зголемување на минималната плата, како и преземање на „итни мерки” за борба со климатските промени.
Ова е четврт генерален штрајк во Каталонија во последните две години.
Во моментов трае и тридневниот студентски штрајк, што почна во средата.





