МЗТ Скопје со нова стотка во втората АБА лига во сезоната. За разлика од онаа против Ловќен (100:90) по продолженија, овојпат во основен дел на натпревар. „Сино-белите“ во СЦ „Јане Сандански“, во дербито на шестото коло, го совладаа Сплит со 104:87 (по четвртини: 23:25, 28:23, 29:22, 24:17).
Џејмс Вудард и Андрија Боиќ уфрлија по 18 поени, Лестер Медфорд додаде 15, двоцифрен кај „металците“ беше и Андреј Магдевски кој реализира 12 коша за четврта победа во конкуренцијата. Најефикасниот играч на средбата беше на спротивната страна во Мате Калајжиќ, стрелец на 19 поени. Томислав Габриќ и Павле Марчинковиќ додадоа по 14, Мај Ковачевиќ 13, Мајкл Кобинс 12.
МЗТ Скопје е на третото место на табелата со 10 бода (четири победи и два пораза) колку што имаат и Сплит и Сутјеска. Во наредното коло, аеродромци ќе гостуваат кај екипата на Вршац.