Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Сочи по средбата со претседателот на Русија, Владимир Путин изјави дека во следните шест месеци Белград ќе го плаќа рускиот гас по иста цена како и досега, 270 долари за 1.000 кубни метри.

Од 270 долари, истакна Вучиќ, Србија заштедила повеќе од 300 милиони евра за шест месеци, во споредба со она што би го платила доколку би купила гас по сегашните берзански цени. Како што нагласи, Србија нема да има проблеми со снабдувањето со гас, а со тоа ниту со струја, ниту со парно греење.

„Добивме зголемување на количините на гас за тие шест месеци и флексибилност“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк од Сочи.

Претходно рускиот претседател Владимир Путин за време на разговорите со српскиот лидер Александар Вучиќ изјави дека двете земји ќе се договорат за нов договор за испорака на природен гас од Русија и ќе најдат прифатливо решение.