Владимир Путин им вети денес на Русите дека земјата ќе излезе од длабоката финансиска криза најдоцна за две години. За кризата, според Путин, е виновен Западот кој се однесува како «царство» кое ги диктира чекорите што треба да ги следат нејзините вазали.
Рускиот претседател денес одржа прес конференција по подолго молчење пред јавноста околу падот на рубљата.
Путин најави дека нема намера да го смени тонот околу Украина и ги обвини властите во Киев дела водат «казнена операција» против источниот дел на земјата а обвинување испрати и до Западот кој, според него, се однесува како «царство» кое ги одредува чекорите на своите вазали.
Ова обраќање стави јасно на знаење дека Путин не се согласува со планот на Вашингтон. Американскиот државен секретар Џон Кери од Лондон завчера испрати порака дека западните санкции можат да бидат укинати за неколку дена или седмици и дека тоа е избор на претседателот Путин.
Во меѓувреме рубљата продолжува да паѓа и е за 40 отсто пониска од нејзината вредност на почетокот на годината. Овој пад ветува тешки денови за руската економија а рускиот печат објавува дека многу увозници ги суспендирале своите нарачки чекајќи да видат како ќе еволуира руската монета а цените во Русија постојано растат, јавуваат агенциите.
Според АФП, Путина се наоѓа во парадоксална ситуација. Анексијата на Крим му донесе голема популарност до 80 отсто доверба. Но, санкциите ја изолираа Русија и ја намалија вредноста на рубљата која паѓа исто така поради големиот пад на нафтата која е главен извор на приходи за Москва.
Денес Путин сепак призна дел од вината за актуелната ситуација. Тој вината пред се ја фрли на надворешните фактори и падот на цената на нафтата но рече дека Русија не направила многу за диверсификација на својата економија. Ваква изјава даде и министерот за економија кој смета дека руската економија не е реформирана.
Путин најави мерки за борба против санкциите велејќи дека ќе се употреби успешниот рецепт од 2008 година но не најави ништо конкретно.




