Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска при годишното обраќање изјави дека “не гледа можност“ за подобрување на односите со актуелното раководство на Турција по соборувањето на рускиот воен авион минатиот месец.
Во однос на ситуацијата со ИСИС, Путин рече дека главна работа во регионот на Блискиот Исток е шверцот, а исламскиот фактор се користи само како причина да се искористат верниците во борба која нема врска со религијата.
Тој рече дека неговата земја ќе продолжи со воздушните напади во Сирија и се додека трае кампањата ќе ја поддржи сириската војска на претседателот Башар Ел Асад, но за неговата иднина треба да одлучи народот на оваа земја, рече тој потенцирајќи дека погледите за решавање на кризата се многу слични помеѓу САД и Русија.
„Вашингтон претходно тврдеше дека се залага за заминување од власта на сирискиот претседател, но државниот секретар Кери по состанокот во Москава рече дека за Америка промената на режимот повеќе не е услов и дека приоритет е стабилизација на регионот“, рече Путин.
– Бизниси се организираат таму, големи бизниси со шверц. За да се заштити овој бизнис со шверцување и нелегално извезување, потребна е воена сила. И има смисла да се користи Исламскиот фактор, напомена Путин.
Во говорот пред рекорден број новинари, Путин зборуваше и за ситуацијата во Украина и изјави дека Москва сака решение на кризата но не по секоја цена. Според него, Киев не ги исполнува во целост аспектите од договорот од Минск.
Рускиот претседател изрази и очекување дека економските односи со Украина значително ќе се влошат и дека нема да има никакви трговски олеснувања за Киев од 1-ви Јануари следната година.




