Портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс синоќа соопшти дека се работи на организирање на посета на рускиот претседател Владимир Путин на САД во текот на есента.

Според Сандерс, американскиот претседател Доналд Трамп го задолжил својот советник за национална безбедност Џон Болтон да ја организира посетата на Путин.

Најавата доаѓа по самитот на Трамп и Путин што се одржа во Хелсинки.

Еден од водечките демократски сенатори Чак Шумер реагираше на најавата барајќи да не се организираат повеќе средби меѓу Трамп и Путин.

Демократската партија и медиумите блиски до неа жестоко го критикуваа Трамп за самитот во Хелсинки, велејќи дека бил премногу попустлив кон Путин, и обвинувајќи го за поврзаност со руското мешање во американските претседателски избори.

Поради овој притисок, Трамп беше принуден јавно да ја измени својата изјава од Хелсинки и да каже дека Русија се мешала во изборите во 2016 година.