Рускиот претседател Владимир Путин ја предупреди Турција дека ќе се соочи со сериозни последици откако утрово беше соборен руски воен авион за што Турција рече дека го нарушувал нивниот воздушен простор.
Според Путин, на Русија и е забиен нож во грб, а Турција смета дека соработувала со џихадистите на ИСИС.
– Овој настан ја надминува нормалата во борбата против тероризмот. Нашата војска храбро се бори со тероризмот…но денешната трагедија е нож во грб, спроведено од соучесници на терористите. Не можам поинаку да го опишам ова. Нашиот авион беше соборен на територија на Сирија од страна на Турција. Тој падна на територија на Сирија, 4 километри од Турција, изјавил Путин пред денешната средба со лидерот на Јордан.

Тој смета дека неговите пилоти не ја загрозиле територијата на Турција, а должноста на пилотите била да осигураат милитантите на тој дел од Сирија, кои потекнувале од Русија, никогаш да не се вратат во земјата.
– Ќе ја анализираме ситуацијата по денешниот трагичен настан, по што ќе следат значителни последици во односите помеѓу Русија и Турција. Земјата секогаш сме ја третирале како пријателска, напоменал рускиот претседател.
Турција од друга страна вели се држеле до своето право да си ја бранат територијата, и дека не се работело за напад врз одредена земја.
Според Турците, авионот бил најмалку 10 пати предупреден во рок од 5 минути дека го нарушува воздушниот простор, пред да биде соборен.
Денеска попладне е закажан итен состанок на НАТО во Брисел, по барање на Турција, која треба да го образложи соборувањето на авионот.




