Глобално распространетиот QAnon феномен е стигнат до С. Македонија и го шират најразлични луѓе. Еден од нив има популарен Фејсбук со псевдонимот Мајк Тајсон (“Majk Tajson”) кој на своите постови се попишува со буквата Q. Тајсон многу јасно промовира QАnon теории на заговор, неточни информации за Корона вирусот и вакцините, како и лажни вести за колку всушност луѓе биле присутни на протестот во неделата организиран од страна на ВМРО-ДПМНЕ по повод годишнината на 27ми април, 2017, односно „крвавиот четврток“. Еден од неговите постови гласи вака:

„25.04.2021

Протест,Скопје ,Македонија

❤ Q

40 000 луѓе“

Иако не е јасно точно колку луѓе присуствуваа на протестот во неделата најмногу може да се каже да имало околу 15 000 луѓе, а многу е веројатно дека оваа бројка беше многу помала, односно 6000-7000 луѓе.

Што е QАnon?

Тешко е да се дефинира што точно е QAnon, но кратката дефиниција би била дека QAnon е збир на крајно десничарски теории на заговор кои може да се каже дека официјално започнале на imageboard форумот 4chan на 28ми октомври, 2017 кога се појавил првиот таканаречен „Q drop“, односно првиот пат кога анонимниот корисник што се потпишувал со буквата Q прв пат постирал. Подоцна Q преминува на помалце модерираната imageboard веб страна 8chan (која сега е преименувана како 8kun) каде тој постираше анонимно. Неговиот последен пост беше објавен на 8ми декември, 2020 и од тогаш нема ништо постирано. 8kun веќе не е достапна преку повеќето интернет браузери поради екстремистичката содржина на сајтот.

Личноста Q тврди дека тој има висока позиција во владата на САД и преку своите постови оваа личност ширеше невистини и про-американската националистичка пропаганда која се базираше врз расизам, сексизам и најмногу врз нова форма на анти-семитизам. Името QАnon доаѓа од фактот што луѓето кои го следеле Q на веб страната 8chan/8kun постирале анонимно. Така што зборот „anon“ e кратенка од зборот „anonymous“ или анонимен.

Главната теза на Q движењето е дека светот го владеат тајна кабала на сатанисти и канибалистички педофили кои исто така водат глобален синџир за трговија со деца. Движењето QАnon го сметаше поранешниот американски претседател Доналд Трамп како нивниот месија кој би ги сопрел наводните сатанисти и педофили. QАnon теориите пораснаа експоненцијално од нивното започнување и исто така целиот наратив на QАnon се рашири, вклучувајќи теории на заговор за тоа како Корона вирусот не постои и теории за како Трамп победил на претседателските избори во САД на кои всушност победи Џо Бајден. QАnon теориите кои се фокусираа на наводната лажна победа на Бајден беа инспирацијата, како и дел од организацијата за нападот врз државните институции во Вашингтон, главниот град на САД, на 6ти Јануари. 5 луѓе умреа како резултат на овие напади. Се смета дека одредени политички играчи блиски до Трамп, како поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин и десничарскиот политички консултант Роџер Стоун, го имаат искористено QАnon движењето во одредени политички цели. Исто така Доналд Трамп кога сѐ уште можеше да постира на Твитер повеќе пати споделуваше содржина од верувачи во QАnon.

QАnon е теорија на заговор која е докажана како неточна, но има верници низ целиот свет. Повеќе информации за како оваа теорија стана волку распространета може да се најдат на подкастот „QAnon Anonymous“ или преку НВО документарната серија на Кулен Хобак „Q: Into the Storm“ (од која овој напис најмногу ги црпи информациите за QАnon движењето).

Што постира Мајк Тајсон?

Под псевдонимот Мајк Тајсон, тој често постира преку 20 постови дневно и на секој пост го става датумот на кој бил постиран тој пост. Не секој пост на Тајсон е потпишан со буквата Q, но добар дел од постовите се. Исто така изгледа постовите кои се негова оригинална содржина (а не споделување на содржина од други крајно десничарски профили), Тајсон ги потпишува со буквата Q. Не е до крај јасно дали со ова потпишување тој сака да имплицира дека тој е всушност личноста Q што до сега ги има пишувано постовите или едноставно со ова потпишување тој кажува дека го поддржува Q движењето. Еве како изгледа еден од неговите:

„24.04.2021

Останете силни.

Пирамидата се руши.

Ние победивме

❤ Q“

Стилот на овие постови е многу сличен како стилот на постовите на личноста Q која исто така пишува на криптичен и нејасен начин. Еве како изгледал еден „Q drop“ од октомври, 2020:

„THE CLINTON FOUNDATION.

WHITE HOUSE FOR SALE.

Q“

На веб страната 8kun нема постови од личноста Q веќе подолго време, односно од 8ми декември, 2020. Но, без разлика на тоа, сепак QАnon движењето не е згаснато и очигледно веќе инспирира луѓе и надвор од САД. Најзагрижувачко за профилот на Тајсон е што тој добива многу лајкови и споделувања на неговите постови што значи дека овие лажни информации и понатаму се шират. Тој дури се снимаше на протест носејќи маица на која ја имаше буквата Q и текст околу буквата каде пишува „The world is about to change“ (Светот наскоро ќе се промени); на едниот ракав на маицата Тајсон го има знамето на вергина, а на другиот ракав го има американското знаме и зборовите „US Army“ (Американска армија).

„Мајк и Q се тука во име на спас на човештвото,“ вели Тајсон на livestream видео на неговиот Фејсбук профил од протестот. „Целта на овој протест е рушење на режимот на Заев и ослободување од канџите на сатанизмот кои што допреа во секоја држава во целата планета.“ Со оваа реченица Мајк Тајсон јасно го референцира QАnon движењето – нешто што покажува дека теорија на заговор што е почната во САД сега е стигната во С.Македонија.

Тој исто така напоменува дека повеќето луѓе на протестот не носеле маски што тој го гледа како позитивен факт бидејќи тој смета дека Ковид пандемијата е измама. Видеото на Тајсон е гледано над 3400 пати и коментарите под видеото се генерално позитивни.

Зошто е ова опасно?

Кога профили како на Мајк Тајсон стануваат сѐ попопуларни, тие можно е да не останат само онлајн. Како што гледаме Тајсон оди на протести со крајно десничарски цели и веќе им ги менува мислењата на многу луѓе, а во САД ова движење дури резултираше со напад на врз Капитол зградата во Вашингтон.

Тајсон не е единствениот Q инфлуенцер: претседателката на хомофобичното, трансфобичното и анти-ваксерското здружение „Од нас за нас“, Гордана Гоџо исто така е поддржувач на теориите на QАnon. Профилната слика на Гоџо на нејзиниот Твитер профил е голема црвена буква Q со мали сонциња на вергина. „Од нас за нас“ шири лажни информации за сеопфатното сексуално образование (ССО), невладината организација ХЕРА, ковид вакцините и ред други теми. Моментално ХЕРА има поднесено тужба против „Од нас за нас“ за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета.

За жал, овие теории на заговор можат да стигнат, а и веќе стигнуваат во мејнстримот на американската Републиканска Партија како и кај некои повлијателни личности во С. Македонија. На пример, македонскиот автор и колумнист Венко Андоновски пишуваше на позитивен начин за здружението „Од нас за нас“ во една негова колумна за „Нова Македонија“, давајќи му кредибилитет на ова здружение. Нема јасно решение за како да се спречи ширењето на овие теории, но во најмала рака треба да знаеме што тие пропагираат и да имаме јасни објаснувања зошто тоа всушност нивните верувања не се точни.

 

Елена Гаговска