Бугарскиот претседател Румен Радев стави вето на антикорупцискиот закон усвоен минатиот месец во Парламентот велејќи дека законот нема да обезбеди независност и ќе може да се искористи за прогонување на политичките противници. Ова се случи истиот ден кога Бугарија седна на претседателската фотелја на ЕУ.
Агенцијата за борба против корупцијата “Транспаренси интернешнал” тврди дека Бугарија е најкорумпираната земја во ЕУ. Бугарија ѐ уште е под мониторинг на ЕУ, а последниот извештај на Европската комисија укажува дека во Бугарија судството не е независно и дека мерките за спречување на корупцијата не го дале саканиот резултат.
И медиумите во Бугарија се жалат за притисоци и ја обвинуваат владата дека го користи претседавањето со ЕУ за да се замолчат медиумите и фактот дека две третини Бугари не и веруваат на владата.
Предлог-законот предвидува специјална единица со задача да се справи со злоупотребите на високо ниво и тој беше изгласан на 20-ти декември. Пратениците се надеваа дека со тоа ќе се реши проблемот пред земјата да го преземе претседателството со ЕУ. Но, претседателот Радев стави вето на законот.
– Верувам дека усвоениот закон не само што не создава соодветна правна основа за справување со корупцијата, туку ќе ја отежне и борбата против неа, рече Радев.
Предлог-законот сега се врати во парламентот за понатамошна дебата, а владејачката коалиција на Бојко Борисов сé уште не го коментира потегот на претседателот.