„Ние сме како Авганистанци, но Авганистанци од Европа“, рече албанскиот премиер Еди Рама во интервју за „Шпигел“. Прашан за фактот дека се уште нема датум за Меѓувладина конференција за интеграција во ЕУ, Рама одговори:

„Не сме разочарани, туку станавме пореални. Денес знаеме подобро како функционира ЕУ. Учиме од Европа како да изградиме транспарентна и демократска држава“.

Тој потсети дека во моментов има околу 1.000 Авганистанци во Албанија и дека земјата може да прифати до 4.000 и тие ќе останат додека не добијат визи за САД.

„Го правиме она што американската влада не замоли. Тие беа под притисок, бидејќи тогаш имаше само неколку земји кои сакаа да прифатат бегалци“, рече Рама. „Не можевме да одбиеме! Кодексот на честа на Албанците датира од средниот век. Гостопримството игра централна улога во него и ова важи и денес“.

Во врска со разочарувањето од ЕУ и одолговлекувањето на процесот на интеграција, Рама вели:

„Ја идеализиравме ЕУ, нo продолжуваме да бидеме една од најпроевропските земји на континентот. Но, денес знаеме подобро како функционира ЕУ“.