Албанскиот премиер Еди Рама направил мала драма во авион на „Луфтханза“ што летал на релација Франкфурт – Детроит, пишува германски „Шпигел“. Случајот, како што наведува германскиот весник, е од лани, за време на рестриктивните мерки за заштита од ковид-19, при што Рама одбил да стави маска на лицето.
„Рама одбил да стави маска во авионот од Франкфурт до Детроит“, пренесува „Шпигел“.
Во случајот, објави „Шпигел“, интервенирале и полициски службеници кои го замолиле Рама да излезе од леталото. Албанскиот премиер потоа остварил контакт со функционер во германското Министерство за надворешни работи кој му предочил дека маската е задолжителна, па Рама ја прифатил сугестијата и со наредниот лет отпатувал за САД.
Рама избегнал парична казна за случајот бидејќи, според директорот на „Луфтханза“ Карстен Спор, „немало стандардна процедура за такви случаи“.




